Денес Европската Комисија ги објави Извештаите за напредокот на државите од Западен Балкан за процесот на пристапување кон ЕУ за 2011 година. По тој повод Македонскиот центар за европско образование, накусо Ви ги пренесува клучните пораки за сите држави од Западен Балкан, со цел да ви помогне да го споредите успехот на овие држави во 2011 на патот кон членство во ЕУ.
Македонија
Европската Комисија ја задржува препораката за отворање на преговорите за членство. Европската перспектива претставуваше мотор на реформскиот процес во оваа држава. Сепак, со одолговлекувањето на проблемот со името, мотивацијата за реформи се намалува, па затоа многу мал прогрес е забележан во изминатава година. Клучните предизвици остануваат: независноста на судството, реформата на јавната администрација и борбата против корупцијата. Слободата на изразување останува сериозна грижа за Комисијата.
Затоа, од клучно значење е постигнување на напредок во решавањето на проблемот со името. Решението на овој проблем длабоко заостанува. Отворањето на претпристапните преговори ќе биде од корист не само на државата и регионот туку и на ЕУ во целина. Уште една година не смее да биде загубена.
Од вкупно 33 поглавја кои ги покриваат политиките на ЕУ според кои се следи напредокот на Република Македонија, Извештајот утврдува добар (или значаен) напредок во само осум од нив. Во десет поглавја е забележан напредок, додека во осум е забележан некаков напредок. Ограничен напредок, Европската Комисија согледала во шест поглавја важни за полноправно членство, а само во едно поглавје не е забележан никаков напредок.
Црна Гора
Црна Гора работеше напорно оваа година. Комисијата забележа вистински напредок и во следниве области: правосудни реформи, ревизија на изборниот закон, слобода на медиумите, анти-дискриминација и борба против корупцијата и организираниот криминал. Заради тоа, Комисијата денес препорачува почеток на преговорите со Црна Гора за нејзино членство во ЕУ.
Србија
Врз основа на напредокот постигнат во реформите, соработката со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и регионалното помирување, Комисијата препорачува на Србија да и’ се додели статусот „кандидат за членство во ЕУ“ притоа очекувајќи дека Србија ќе се реактивира во дијалогот со Косово и се движи забрзано кон спроведување на досега постигнатите договори во добра вера.
Понатаму, Комисијата препорачува отворање на претпристапните преговори штом Србија постигне допонителен напредок во остварување на единствениот клучен приоритет кој Комисијата го идентификува: натамошни чекори кон нормализација на односите со Косово во согласност со условите од процесот за стабилизација и придружување.
Хрватска
Денешниот пакет извештаи го содржи и поволното мислење на Комисијата за зачленувањето на Хрватска во ЕУ. Се очекува Европскиот Парламент да даде согласност за потпишувањето на Пристапниот Договор во декември 2011. Сепак, натамошен мониторинг од Комисијата, се’ до денот на зачленувањето, ќе продолжи во неколку клучни области како што се: правосудство, борбата против корупцијата, основните права во областа на правда, слобода и безбедност, вклучувајќи го управувањето со границите, како и во областа на политиките на конкуретноста.
Албанија
Албанија беше оценета како држава со незадоволителен напредок. Минатата година, беа идентификувани 12 клучни приоритети кои треба да бидат остварени пред наредната фаза од пристапувањето кон ЕУ. Сепак, напредокот беше попречен од продолжувањето на политичкиот ќор-сокак и парламентарен бојкот и покрај сите напори да се поддржи напредокот.
Постојат одредени позитивни сигнали дека политичките партии ќе го заживеат дијалогот. Ова е итно потребно заедно со задржување на задоволителен степен на соработка кој ќе овозможи напредок на патот кон ЕУ интеграциите.
Косово
На Косово, долготрајниот изборен процес ја забави реформската агенда. Сепак, новите институции се посветени на европската перспектива на ЕУ со основни заложби за реформи. Организираниот криминал и корупцијата остануваат главни предизвици. Косово треба да ја зајакне јавната администрација и реформата во судството. Комисијата предлага започнување на структуриран дијалог со Косово за владеењето на правото со цел да се решат горенаведените предизвици.
Босна и Херцеговина
Во Босна и Херцеговина, политичката и институционална блокада продолжува. Ова ја закочува работата на реформската агенда која треба да ја донесе државата поблиску до ЕУ. Формирање на влада на државно ниво е итно потребно за да го раководи процесот на реформи и уставни промени. За да напредува на патот кон ЕУ, државата треба да го измени уставот во согласност со пресудата на Европскиот суд за човекови права со цел да се елиминира етничката дискриминација поврзана со претставувањето во институциите и донесување на федерален закон за државна помош.