Патоказ кон фикцијата

 

Дојде Филе и си отиде! Ја пофали Владата… навистина, но истовремено ја затвори вратата за јавноста и ги информира нашите пратеници дека очекува резултати во сите пет области до октомври 2012 година (не до 2015 како што е предвидено во Патоказот на Владата).

За да нема дилеми – доколку Владата ги исполни утврдените барања, во октомври ќе добие нови! И тоа не значи дека Европската унија измислува нови услови, туку значи дека ние никако да го испорачаме она што треба! Ова се вика Пристапен дијалог на високо ниво со кој толку многу се гордееме. Е, па, на здравје!

Фамозниот Патоказ на Владата го донесе Филе порано во Македонија. Иако документот беше речиси готов – Филе дојде со нацрт-документ – тој никако да помине на Влада. Сите ние што очекувавме да го видиме Патоказот порано, набрзо сфативме дека Владата нема намера да го усвои, барем не онаков каков што Европската комисија очекува да биде донесен. Помина и крајот рок за негово донесување (средината на април), а од Патоказот ни абер, ни глас!

И откако Филе ја објави својата посета на Македонија за 7 мај наместо за крајот на месецот, одеднаш, на 3 мај, на веб-страницата на Секретаријатот за европски прашања се појави спорниот документ. Па зар ќе го пречекаме Филе
со празни раце?

За да нема нејаснотии, рацете му ги наполнивме на Филе, но со хартија, не и со содржина. Најголемиот дел од мерките предвидени во документот уште отсега се знае дека нема да се остварат, бидејќи за нив се потребни огромни средства. Ребалансот на буџетот, од друга страна, никаде не ги предвидува утврдените мерки. Таков е примерот со Ромската декада.

Верувале или не, во Патоказот на Владата, за Ромската декаде се предвидени околу 11 милиони евра?! Па откако постои Ромската декада толку многу пари не биле потрошени на неа?! Се разбира, ништо од тоа не е рефлектирано и во ребалансот на буџетот – освен нешто ситно за ромските медијатори. Очигледно дека Владата лаже, но прашање е дали лаже во Патоказот или лаже со ребалансот на буџетот. Како и да е, наскоро ќе откриеме во која грмушка лежи лагата!

Од гледна точка на квалитет, Патоказот е редок примерок на документ кој служи само за продавање магла. Маглата одлично се продава дома, но никако да ја извеземе во Брисел.

Така, во делот на слободата на изразувањето и професионалните стандарди на медиумите, Владата предвидува 2 мерки составени од по неколку акции. Имено, во делот на медиумите ќе се направеле измени на законодавството за клеветата, ќе се подобрела судската практика и ќе се зајакнеле професионалните стандарди преку „продолжување на дијалогот меѓу новинарите и Владата за декриминализација на клеветата, за правата од работен однос на новинарите и за утврдување на професионални стандарди за вршење на новинарската професија“.

Исто така ќе се консултирале експерти на Советот на Европа и ќе се спроведеле обуки за членот 10 од Европскиот суд за човекови права на судии откако претходно ќе се преведеле 22 такви пресуди. Чудно, но вистинито! Значи ли тоа дека досега Владата ама баш абер немала за судската практика од Стразбур? Или имала, ама воопшто не и било гајле? И како сето ова ќе ја подобри положбата на новинарите во Македонија? И тоа до октомври!

Следното за што зборува Патоказот е утврдување стандарди за професијата новинар. Страшно! Новинарите никако не смеат да си дозволат да поставуваат стандарди во својата професија со помош на Владата! Натаму, ќе се следело усогласувањето на радиодифузерите со членот 11 од Законот за радиодифузната дејност и ќе се направеле измени на законот (по којзнае кој пат) со кои ќе се допрецизирале обврските и одговорностите на Советот за радиодифузија.

Последно што ќе направела Владата за да имало потранспарентно трошење на буџетските средства на институциите, ќе ја разгледала можноста (разгледување на можност не е исто што и преземање мерки) во законските решенија да се предложела одредба со која доколку државните тела имале предвидено средства во сопствениот буџет за информирање и запознавање на јавноста со своите услуги или активности, тие да мора средствата да ги реализираат на недискриминаторен, објективен и транспарентен начин. И овде текстот станува фикција, а Патоказот влегува во жанрот новела.

Дали ќе биде нешто од ветувањата, ќе видиме. Септември, кога се затвора извештајот за напредокот на Република Македонија не е далеку. Фактот дека Европската комисија се заинтересира да направи дополнителен притисок врз Владата е добар чекор и штета ќе биде ако новинарите во Македонија не го искористат тоа за еднаш засекогаш да си го средат секторот.

Лидија Димова

http://a1on.mk/kolumni/lidija-dimova2.htm

Таму далеку во Брисел…

Мојот настап во Европскиот парламент на 11 април 2012 година во Брисел отвори куп прашања во Македонија, како на пример: зошто бев јас повикана, а не некоја владина институција, кој ме „испратил“ мене, а не некој политичар или универзитетски професор, од каде сум ги нашла цифрите (со додавка „само мене познати“) итн.

Сепак, најголема манипулација беше тоа дека, наводно јас сум барала да се укинат ИПА-фондовите за Македонија. Да потсетам, Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент организираше јавна дебата за нацрт регулативата на ИПА II која треба да се применува во периодот 2014-2020.

Јас бев поканета да го изнесам македонското искуство од користењето на ИПА. Овде ќе се обидам да одговорам на некои од поставените прашања. Прво, јас воопшто не побарав од Европската унија да ги укине ИПА-фондовите за Македонија, пред се затоа што не сметам дека треба да се укине европската помош.

На прашањето зошто бев јас таму, можам да одговорам со четири непобитни факти – прво, јас сум Извршениот директор на организацијата која секои 3 месеци продуцира извештаи од следењето на процесот на евроинтеграциите на Македонија, второ, јас сум член на Комитетот за следење на ИПА за I-компонента за транзициска помош и градење институции, трето, Европскиот парламент има повеќегодишно искуство на успешна соработка со Македонскиот центар за европско образование и ги користи документите што организацијата ги изработува и четврто, Европскиот парламент соработува со голем број тинк-тенк организации и ја користи нивната експертиза

Зошто не беше поканет некој политичар или универзитетски професор, не знам, но сигурна сум дека покана доби македонското Собрание, како и сите парламенти од регионот, како и од Турција и од Исланд. Зошто никој не дојде од нашето Собрание е прашање за г-от Трајко Вељановски, а не за мене.

Цифрите што ги цитирам не се тајни и можат да се најдат на веб-страницата на Директоратот за проширување на Европската комисија, а произлегуваат од периодичната евалуација на ИПА која беше неодамна направена. Тоа дека другите не ги читаат извештаите и евалуацијата на Европската комисија не може да биде моја вина! Напротив, само покажува колку многу имав право.

Најжалосно од се е тоа што обајцата новинари-известувачи уште еднаш покажаа дека во Македонија е загрозена слободата на изразувањето. Известувачот на МИА, Марина Стојановска Тонева, иако не разбра ништо од моето излагање, реши да ја пласира дезинформацијата дека сум барала да се укинат ИПА-фондовите за Македонија, додека, пак, Бобан Нонковиќ, кој патем, воопшто не беше присутен во салата, раскажувал во прво лице, директно во емисијата на Јанко Илковски…

Повеќе од јасно е дека провладините мегафони имаа задача да го задушат секој обид за отворање каква било дебата за начинот на којшто Македонија ги користи европските средства. За жал, тоа им успеа. Никој не сака натаму да се дискутира за прашењата кои ги отворив во Европскиот парламент. Очигледно дека Владата нема намера да одговори зошто во рамките на I-компонента се уште се имплементираат проекти од ИПА 2007 и 2008, и зошто само 1,8% од средствата од ИПА 2009, и само 1,5% од ИПА 2010 се апсорбирани, или пак зошто македонските државни службеници не умеат да изготват прости проектни цели и задачи и мора за тоа да се користат скапи консултанти. Неодговорено ќе остане и прашањето зошто македонската владата не испрограмирала ниту едно евро за Поглавје 19 за вработување и социјална политика. Никој нема да побара објаснување од Владата зошто таа не сака да користи средствата од ИПА за да ги развие капацитетите на училиштата, синдикатите, ромските организации, општините, фармерите, малите и средните претпријатија итн. Никој нема да одговори зошто на Владата и се потребни две години за да администрира проста грант-шема од 1,6 милиони евра. Ќе објасни ли некој што мислела Владата кога правела твининг за Центарот за образование на возрасни, во вредност од 1,7 милиони евра знаејќи дека вкупниот годишен буџет на оваа институција е само 220,000 евра. Ќе објасни ли некој зошто основните документи не се преведени на македонски јазик, а се готови уште од 2007 година? Ќе одговори ли Владата зошто Македонија му дава 13,2 милиони долари на УНДП за спроведување на активни мерки за вработување кога имаме Агенцијата за вработување? Има ли воопшто објаснување зошто Македонија се уште нема Национален развоен план? Ќе му каже ли некој на премиерот дека ја ризикува целата акредитација од ЕУ со тоа што инсистира г-от Бахчовановски да биде главен ИПА-ревизор, бидејќи тој е партиски обоен и не е ревизор, туку правник. И уште илјада зошто ќе останат без одговори…

Немам никакви дилеми дека главната причини зошто започна оваа хајка против мене е тоа што се дрзнав да „и расипам“ на Владата да ја добие европската помош во форма на буџетска поддршка. Колку да нема дилеми – јас не сум против користењето на европската помош во форма на буџетска поддршка, туку сум против давањето буџетска поддршка на Владата на Груевски.

Лидија Димова

http://a1on.mk/kolumni/Kolumna%20Lidija%20Dimova%2001.htm

ТРИБИНА „КАДЕ СЕ ЕВРОПСКИТЕ ПАРИ“ (Битола и Прилер, 20. и 21.12.2011, 12 часот)

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и НВО Инфоцентарот, ќе организираат две трибини во Битола и во Прилеп на тема „Каде се европските пари?“.

Трибината во Битола ќе се одржи на 20 декември 2011 година (вторник) во хотелот Милениум, со почеток во 12 часот. Воведничари ќе бидат Џевдет Хајредини, економист; Ида Протугер од ТВ Алфа и Лидија Димова од МЦЕО, а трибината ќе ја модерира Бојан Маричиќ.
Трибината во Прилеп ќе се одржи утредента, на 21 декември 2011 година (среда), во хотелот Кристал Палас, со почеток во 12 часот. Воведничари ќе бидат Џевдет Хајредини, економист; Борче Чупетрески, бизнисмен; Анета Додевска од ТВ 24 вести и Лидија Димова од МЦЕО, а трибината повторно ќе ја модерира Бојан Маричиќ.

Фокусот на трибината ќе биде врз финансиските инструменти што Република Македонија ги има на располагање во процесот на приближување кон Европската унија, а особен акцент ќе биде ставен врз можностите за локален развој што ги нудат фондовите.

Конференција „MK vs. EU или MK@EU“ – Лошите реформи поголем проблем од името

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), на осми ноември 2011 година ја одржаа конференцијата насловена „MK vs. EU или MK@EU“. На конференцијата, чиј повод беше Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година, низ три панел-дискусии, присутните гости дебатираа околу последните случувања на релацијата Македонија – ЕУ и настаните кои следеа по објавувањето на Извештајот.

Отворајќи ја конференцијата, извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин изрази жалење што бришењето на придавката „македонски“ послужило како алатка на власта да го изврти значењето на Извештајот и сите негативни оцени содржани во него.

Говорејќи на првата панел-дискусија, Радмила Шеќеринска заклучи дека проблемот со името стана камен на сопнување уште од 2008 година, но годинава за првпат од ЕУ стигнале сигнали дека проблемот со името не е единствената пречка за започнување на преговорите, туку дека проблемите станале многу побројни. Воедно, Шеќеринска упати апел до власта да престане да го злоупотребува проблемот со името.

Во втората панел-дискусија насловена како „Замор vs. Капацитет“, Бојан Маричиќ од МЦЕО презентираше споредбен преглед на евроинтегративните процеси во три земји од регионот во периодот 2001-2011 и заклучи дека оние членки кои ги завршуваат тешките задачи, брзо напредуваат кон членство во Унијата, а билатералните спорови се само составен дел од процесот на интеграција на секоја потенцијална членка. Во своето излагање во оваа сесија, универзитетскиот професор Стево Пендаровски истакна дека Македонија има најлоша меѓународна позиција од 1991 година па до денес, а актуелната влада нема резервен план за иднината на државата.

Отворајќи ја третата панел-дискусија на тема слободата на изразување и човековите права, Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар заклучи дека во проретчениот медиумскиот простор, има се помалку теми кои се занимаваат со ЕУ, а по последниот извештај, во медиумите владее евроскептицизмот. За Суад Мисини пак, последните сигнали од Брисел за евентуално одземање на препораката за почеток на преговори дури и по цена на решавање на спорот со името, се лош знак кој во иднина би му послужил како алиби на премиерот Груевски воопшто да не се зафаќа со реформи. Пратеникот Сафет Бишевац истакна дека меѓу народот владее страв и дека битката за сопствената слобода треба да се води со  употреба на сите демократски капацитети и методи.

Низ неколкучасовна дебата, присутните учесници на конференцијата допреа и низа останати теми поврзани со интеграцијата на Република Македонија во ЕУ: Копенхашките критериуми, економската состојба, меѓународната позиција на Македонија, како и меѓуетничките односи и состојбата со владеење на правото.

Промоција на публикацијата „Мој водич: МК@ЕУ“ – ЕУ Инфоцентар, 27 октомври 2011, 11.00 часот

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и НВО Инфоцентарот имаат чест да ве поканат на промоцијата на публикацијата „Мој водич: MK@ЕУ“. Промоцијата ќе се одржи на 27 октомври 2011 година во просториите на ЕУ Инфоцентарот на Делегацијата на Европската унија во 11.00 часот.

МЦЕО и НВО Инфоцентарот се организации кои го поддржуваат пристапувањето на Република Македонија во Европската унија. МЦЕО го поддржува процесот на пристапување преку професионални обуки, консултантски услуги, лобирање, регионална соработка и развој на европски политики. НВО Инфоцентарот го следи квалитетот на информациите што преку медиумите ги добиваат граѓаните за овој процес, а ја мониторира и работата на институциите релевантни за евроинтеграциите. За НВО Инфоцентарот и за МЦЕО, Европската унија не е „надворешна политика“, туку „внатрешна политика“ бидејќи ги опфаќа сите општествени области, односно процесот на пристапување во ЕУ нуди одржлива рамка за спроведување реформи кои ќе обезбедат модерен демократски систем за креирање политики во сите сфери на општественото живеење.

Публикацијата „Мој водич: MK@ЕУ“ треба да помогне во полесно следење на процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ односно реформите што ги спроведува Владата. Главната цел на оваа алатка е да го подигне нивото на дебата за европските прашања. Токму затоа, овој Водич на едно место ги сублимира сите информации кои можат да помогнат полесно да се следат и анализираат релевантните стратегиски документи кои го трасираат патот кон ЕУ.

Агендата на настанот:

10:45 – 11:00 Пристигнување и регистрација на гостите
11:00 – 11:05 Андреја Стојковски, претседател на Македонски центар за европско образование
11:05 – 11: 15 д-р Теута Арифи, заменик на претседателот на Владата за европски прашања
11:15 – 11:20 г-дин Роберт Лидел, вршител на должност шеф на Делегацијата на Европската унија во Македонија
11:20 – 11:30 г-ца Катерина Топалова, новинар на „Европа сега“ – ТВ АЛФА
11:30 – 12:00 Прием

 

 

 


 

 

 

РЕФОРМИТЕ ВО ЦРВЕНО – (RED ALERT)

КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА ИЗВЕШТАИТЕ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА 2008-2011

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) подготвија компаративна анализа на извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за периодот 2008-2011 година.
Оваа компаративна табела ги содржи и задачите од Пристапното партнерство што Република Македонија треба да ги исполни и според кои Европската комисија го цени напредокот на државата. Оттука се добива појасна претстава за тоа која е вистинската динамика на пристапување кон Европската унија.

За првпат годинава во компаративната анализа вградени се коментари со надеж дека ќе и помогнат  на пошироката јавност за да ја создаде својата слика.
Целокупната анализа наведува на следните општи заклучоци:

  1. Европската агенда на Република Македонија е во голем застој. Проблемот со името не е единствената причина зошто државата не може да помине во следната фаза на интеграција. Од компаративната анализа станува очигледно дека Македонија има сериозен проблем со напредокот во реформите.
  2. Политичкиот критериум, чие исполнување е неопходно за започнување на наредната фаза на интеграција, е сериозно загрозен. Покрај веќе добро познатите проблеми од минатите години (корупцијата, јавната администрација и судството) во 2011 година се забележува дополнително влошување кај сите овие области и за првпат жестоко се критикува загрозувањето на слободата на изразувањето. Сакаме јасно да посочиме дека Македонија може да ја изгуби препораката за започнување на преговорите доколку продолжат овие трендови и се загрози целосно политичкиот критериум, а не поради спорот со името како што сака да не убеди премиерот. Впрочем Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата отворено општество- Македонија укажавме на оваа опасност уште во минатата година[1].
  3. Доказ дека Македонија назадува во реформите е и тоа дека не умее да ги искористи европските пари. Во неколку поглавја (19, 20, 22, 25, 26) Европската комисија предупредува дека постои опасност да се изгубат овие средства кои, патем кажано, се неповратни средства, во споредба со многуте кредити кои Владата ги зема од Светската банка и другите меѓународни финансиски институции.
  4. Недоволниот административен и институционален капацитет е проблем кој се провлекува низ сите поглавја од Извештајот. Од една страна, Европската комисија забележува дека има превработена, нестручна и некомпетентна јавна администрација, па дури и луѓе кои добиваат плата, а седат дома. Од друга страна, ЕК констатира дека во голем дел од стручните институции, надзорните и регулаторните тела постои недостиг на човечки ресурси. Исто така, ЕК нотира дека голем дел од стручните институции се соочуваат со недостиг на финансиски средства за непречено функционирање.

Целосната анализа може да се преземе тука.


[1] Осми Извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ „Преродбата ги јаде своите чеда“, јануари 2011, стр. 13

 

И после 5 годишен скап подготвителен стаж, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност сеуште се подготвува за работа!

Во рамките на следењето на процесот на евроинтеграции Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) го следи и процесот на акредитација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Национална Агенција) одговорна за фондовите од ЕУ програмите „Младите во акција“ и „Доживотно учење“, кои за периодот 2007-2013 год. изнесуваат речиси 7 милијарди евра. Уште во својот Трет извештај за следењето на пристапувањето на Македонија кон ЕУ „МК@ЕУ Лисабон-Скопје-Атина“[1] пред точно две години, МЦЕО укажа на нетранспарентноста и непотизмот при доделувањето на првите пробни грантови од програмата „Младите во акција“.

Понатаму, во Четвртиот извештај „Прави ли Владата споменик од ЕУ[2] се посочуваат целосната нетранспарентност и законското фаворизирање на определени НВО-а од страна на Националната агенција доделувајќи им законски статус во рамките на Управниот одбор на Националната Агенција. МЦЕО уште веднаш реагираше и ја повика Владата , согласно Законот за основање на Националната Агенција, но и согласно со преземените обврски кон ЕУ, да ги разреши виновниците и да ги казни со предвидените парични казни. Откривањето на скандалот значеше дека системот на заштита на финансиските интереси на ЕУ функционира и тоа немаше да доведе до никаква реакција од Комисијата, доколку  беше соодветно санкциониран. Млаката реакција на Владата или поточно нејзиното одбивање да реагира го принудија Брисел да ги суспендира подготвителните мерки на оваа институција  за самостојно располагање со ЕУ фондовите, наменети во прв ред за мобилност на студентите и наставниот кадар ширум ЕУ.

Смената на тогашниот директор на Агенцијата Бошко Нелкоски од нејасни причини се случи предоцна, дури шест месеци по овој скандал, а на негово место беше назначена Љубинка Андоновска. Г-ѓа Андоновска е избрана без објаснување дали го исполнува основниот услов за извршување на оваа функција, тригодишно искуство во менаџирање со програмите на заедницата.[3] Исто така, Андоновска е ќерка на поранешниот министер за финансии Трајко Славески и сопруга на актуелниот државен секретар во Секретаријатот за европски прашања Јован Андоновски. Овие факти раѓаат дополнителен сомнеж во начинот на избор на раководното лице на оваа одговорна институција. Дополнително, МЦЕО укажа на конкретните мерки кои треба да бидат преземени од страна на Националната агенција (т.е. транспарентност во процесот на одлучување и распределување на грантовите, навремено објавување на грантистите на официјалната веб-страница и јавно образложение на причините за пролонгирање на рокот за акредитација).[4]


Конечно, во Осмиот извештај  „Преродбата ги јаде своите чеда“  МЦЕО упати конкретно барање до Министерството за образование и наука да воспостави ефикасен систем на контрола на функционирање на подготовките на Националната агенција во врска со акредитацијата.[5]

Од тука, не е изненадување тоа што Европската Комисија во овогодинешниот Извештај[6], се потврдува дека Националната агенција за програмите „Младите во акција“ и „Доживотно учење“ не го достигна нивото барано од страна на ЕУ и затоа подготвителните мерки и понатаму се суспендирани.[7] Ваквото срамно тапкање во место не е само уште еден во низата неуспеси забележани од ЕУ туку едноставно значи: 1. конкретни финансиски средства кои не можат да бидат искористени од учениците, студентите и наставниот кадар за нивна зголемена мобилност и 2. конкретни прокоцкани шанси за едукација и размена на искуства со колеги од ЕУ.

Зошто е сето горенаведено повторно актуелно? На 16.10.2011 ТВ Алфа повикувајќи се на извори во Министерството за образование и наука јави дека директорката на Националната агенција Љубинка Андоновска поднела оставка. Според оваа информација, како причина за оставката се наведува мислењето на довчерашната директорка Андоновска дека „ги исполнила условите да се одмрзнат европските пари за образование“ . На кој начин ги толкува фактите екс-директорката Андоновска и што од наведените извештаи може да го нарече „одмрзнување на европските пари за образование“ останува енигма за сите нас, а најмногу за оние студенти и професори кои и понатаму нема да можат да ги користат овие „одмрзнати“ фондови. Кога би сакале да бидеме малициозни би се запрашале дали можеби Андоновска не сака всушност  да ни каже дека и во овој случај, ЕУ не сака да ги види реформите туку не критикува без усул и мера, вршејќи на тој начин притисок за промена на името?

Одговорност за во ветар фрлените пари без никакво постигнување, но и за поигрувањето со иднината на македонската младина, еден ден ќе треба да ја понесат и Андоновска и оној што ја именувал! Во меѓувреме, набрзина, без посебна процедура за в.д. директор на Националната Агенција е назначен досегашниот раководител на секторот за финансии Дарко Димитров. МЦЕО му посакува успешна работа и го повикува  сериозно да ги сфати задачите кои стојат пред Агенцијата, за да не мора и тој набргу да ни тврди дека неговата мисија е завршена, парите сеуште да останат замрзнати, а студентите и професорите изолирани.

За илустрација, како треба да изгледа успешно исполнување на мисијата на ваква Национална агенција може да послужи агенцијата со иста надлежност во Хрватска. Само во 2011 година, оваа институција доделила 301 проект во вкупен износ од околу 4.400.000 евра, додека вредноста на проектите за сите години надминува 6.600.000 евра.[8] Хрватската Национална агенција е формирана во 2007 година, кога и македонската, а некои од нас многу добро се сеќаваат на самофалбите на највисоките функционери на Националната Агенција дека македонската е далеку понапред од хрватската Агенција!! Ако тоа навистина било така, како тогаш да го објасниме фактот дека во меѓувреме за нецели две и пол години, Хрватите не само што не претркаа во напредокот, туку добија и целосна акредитација на Агенцијата и конечно успеаа самостојно да менаџираат милионски суми евра? Дали и за ова назадување вината ќе ја бараме во Брисел?


[1] Стр. 60-61

[2] Стр. 85

[3]Со измените на Законот од 2011 година овој услов беше заменет со „познавање на програмите на заедницата со кои Националната Агенција раководи“.

[4] Стр. 86

[5] Стр. 176

[6] Извештај за напредокот на Македонија 2011

[7] Стр. 66

 

Резиме од Извештаите за напредокот на државите од Западен Балкан за процесот на пристапување кон ЕУ за 2011 година

Денес Европската Комисија ги објави Извештаите за напредокот на државите од Западен Балкан за процесот на пристапување кон ЕУ за 2011 година. По тој повод Македонскиот центар за европско образование, накусо Ви ги пренесува клучните пораки за сите држави од Западен Балкан, со цел да ви помогне да го споредите успехот на овие држави во 2011 на патот кон членство во ЕУ.

Македонија

Европската Комисија ја задржува препораката за отворање на преговорите за членство. Европската перспектива претставуваше мотор на реформскиот процес во оваа држава. Сепак, со одолговлекувањето на проблемот со името, мотивацијата за реформи се намалува, па затоа многу мал прогрес е забележан во изминатава година. Клучните предизвици остануваат: независноста на судството, реформата на јавната администрација и борбата против корупцијата. Слободата на изразување останува сериозна грижа за Комисијата.

Затоа, од клучно значење е постигнување на напредок во решавањето на проблемот со името. Решението на овој проблем длабоко заостанува. Отворањето на претпристапните преговори ќе биде од корист не само на државата и регионот туку и на ЕУ во целина. Уште една година не смее да биде загубена.

Од вкупно 33 поглавја кои ги покриваат политиките на ЕУ според кои се следи напредокот на Република Македонија, Извештајот утврдува добар (или значаен) напредок во само осум од нив. Во десет поглавја е забележан напредок, додека во осум е забележан некаков напредок. Ограничен напредок, Европската Комисија согледала во шест поглавја важни за полноправно членство, а само во едно поглавје не е забележан никаков напредок.

Црна Гора

Црна Гора работеше напорно оваа година. Комисијата забележа вистински напредок и во следниве области: правосудни реформи, ревизија на изборниот закон, слобода на медиумите, анти-дискриминација и борба против корупцијата и организираниот криминал. Заради тоа, Комисијата денес препорачува почеток на преговорите со Црна Гора за нејзино членство во ЕУ.

Србија

Врз основа на напредокот постигнат во реформите, соработката со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и регионалното помирување, Комисијата препорачува на Србија да и’ се додели статусот „кандидат за членство во ЕУ“ притоа очекувајќи дека Србија ќе се реактивира во дијалогот со Косово и се движи забрзано кон спроведување на досега постигнатите договори во добра вера.

Понатаму, Комисијата препорачува отворање на претпристапните преговори штом Србија постигне допонителен напредок во остварување на единствениот клучен приоритет кој Комисијата го идентификува: натамошни чекори кон нормализација на односите со Косово во согласност со условите од процесот за стабилизација и придружување.

Хрватска

Денешниот пакет извештаи го содржи и поволното мислење на Комисијата за зачленувањето на Хрватска во ЕУ. Се очекува Европскиот Парламент да даде согласност за потпишувањето на Пристапниот Договор во декември 2011. Сепак, натамошен мониторинг од Комисијата, се’ до денот на зачленувањето, ќе продолжи во неколку клучни области како што се: правосудство, борбата против корупцијата, основните права во областа на правда, слобода и безбедност, вклучувајќи го управувањето со границите, како и во областа на политиките на конкуретноста.

Албанија

Албанија беше оценета како држава со незадоволителен напредок. Минатата година, беа идентификувани 12 клучни приоритети кои треба да бидат остварени пред наредната фаза од пристапувањето кон ЕУ. Сепак, напредокот беше попречен од продолжувањето на политичкиот ќор-сокак и парламентарен бојкот и покрај сите напори да се поддржи напредокот.

Постојат одредени позитивни сигнали дека политичките партии ќе го заживеат дијалогот. Ова е итно потребно заедно со задржување на задоволителен степен на соработка кој ќе овозможи напредок на патот кон ЕУ интеграциите.

Косово

На Косово, долготрајниот изборен процес ја забави реформската агенда. Сепак, новите институции се посветени на европската перспектива на ЕУ со основни заложби за реформи. Организираниот криминал и корупцијата остануваат главни предизвици. Косово треба да ја зајакне јавната администрација и реформата во судството. Комисијата предлага започнување на структуриран дијалог со Косово за владеењето на правото со цел да се решат горенаведените предизвици.

Босна и Херцеговина

Во Босна и Херцеговина, политичката и институционална блокада продолжува. Ова ја закочува работата на реформската агенда која треба да ја донесе државата поблиску до ЕУ. Формирање на влада на државно ниво е итно потребно за да го раководи процесот на реформи и уставни промени. За да напредува на патот кон ЕУ, државата треба да го измени уставот во согласност со пресудата на Европскиот суд за човекови права со цел да се елиминира етничката дискриминација поврзана со претставувањето во институциите и донесување на федерален закон за државна помош.

 

МЕДИУМСКО ОГЛЕДАЛО: Опаѓа квалитетот на информирањето за ЕУ

Оваа година, во споредба со претходните години, квалитетот и квантитетот на информирањето за евроинтеграциските процеси во Македонија, драстично се намалува. За разлика од претходните години, новинарите и медиумите веќе немаат про-активна улога и многу малку информираат за политиките и реформите клучни за влезот на Македонија во ЕУ. Овој тренд го наметнува Владата, го следи опозицијата, но и самите претставници на Европската унија. Карактеристично за изборниот и постизборниот период е тоа што ни претставниците на  Европската унија и Европската комисија не направија никаков обид за ре-актуелизирање на евроагендата. Можеби тоа се должи на фактот што Македонија токму во овој период речиси е без евроамбасадор во земјата.

Недостигот од информации за евроинтеграциите делумно се должи и на фактот што во овој период згаснаа неколку медиуми, активни поддржувачи на влезот на Македонија во ЕУ. Новинарите, информирајќи за евроинтеграциите, себе си главно се сведуваат на пренесувачи на изјави и пораки на домашните и странските политичари. Не наметнуваат вистинска и суштинска дебата за евроинтеграциите..

Ваквото драстично опаѓање на интересот за евроинтеграциите, од страна на медиумите, но и од страна на сите релевантни општествени и политички фактори,  може да резултира со менување на јавното мислење и зголемување на степенот на евроскептицизам кај македонските граѓаните.

Во пресрет на Извештајот на Европската комисија, а имајќи го предвид актуелниот тренд, но и искуствата од претходните години, нашата препорака до медиумите и новинарите е повторно да станат активни во поттикнувањето на евроинтеграциите на Македонија, и професионално, аналитички и суштински да ги информираат граѓаните за овој ислучително важен процес.

НВО Инфоцентарот, во соработка со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), а со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), продолжува до го мониторира квалитетот на информирањето на медиумите за евроинтеграциските процеси на Република Македонија. Најновиот извештај може да го најдете тука.

 

Ни следува извештај полн со негативни оценки

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕТ) и Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) на 27-ми септември го претставија десеттиот  извештај за следењето на процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ, насловен како „Тешкото од ЕУ“, а кој се однесува на периодот мај-август 2011.

Осврнувајќи се на состојбата со владеење на правото, Андреjа Стојковски од МЦЕО издвои неколку забелешки нотирани во Извештајот, меѓу кои Законот за лустрација, Случајот „Космос“, апсењето на Љубе Бошкоски, како и Законот за амнестија. Во Извештајот, се забележува дека Законот за лустрација служи единствено за стигматизација и дискредитација на политичките неистомисленици, и наместо со лустрација на актуелни, Комисијата за верификација на фактите се занимава со поранешни носители на јавни функции. Што се однесува, пак, на случајот со Љубе Бошкоски, во Извештајот се истакнува дека промените на Кривичниот закон кои се однесуваат на финансирање на политичките партии се донесени на 13-ти април 2011, а првите докази за наводни нелегални трансакции на партијата на Бошкоски се забележани ден порано на 12-ти април, односно во период кога немало правна основа за гонење.

„Очекуваме негативна оцена за реформите во јавната администрација, а за првпат годинава очекуваме негативна оцена и за реформата во полицијата“, истакна Лидија Димова од МЦЕО, додавајќи дека Македонија по трет пат ќе добие препорака за отпочнување преговори, иако  Извештајот на Европската комисија ќе биде еден од најкритичките досега.

Во продолжение на кварталниот извештај на МЦЕТ и ФООМ стојат и неколку препораки до Владата, се со цел да се постигнат подобри резултати во европската агенда. Во препораките стои дека Владата треба да направи анализа на Извештајот од ЕК, а потоа да донесе и вистински акциски план. МЦЕО и ФООМ предлагаат процесот на евроинтеграции целосно да се отвори и Секретаријатот за европски прашања (СЕП) да започне со вклучување на сите заинтересирани организации во работните групи. Понатаму, Владата да организира регионална конференција на државите од Западен Балкан плус Турција, за да се споредуваат извештаите и да се создаде регионална група. Во Извештајот, исто така, се препорачува донесување на стратегијата 2020, но и итно лобирање од страна на Владата и СЕП, за добивање ново Пристапно партнерство кое би претставувало стимул за забрзување на европскиот реформски процес.

Извештајот „Тешкото од ЕУ“ е десеттиот квартален извештај на следење на процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ, процес кој веќе неколку години континуирано се спроведува од страна на МЦЕО и ФООМ.

Извештајот можете да го најдете тука.