Fondacioni Shoqeria e Hapur – Maqedoni (ФООМ) dhe Qendra maqedonase për arsim evropian (МЦЕО), ditën e tetë të nëntorit 2011 година ја одржаа конференцијата насловена „MK vs. BE или MK @ BE-së ". На конференцијата, чиј повод беше Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година, низ три панел-дискусии, присутните гости дебатираа околу последните случувања на релацијата Македонија – ЕУ и настаните кои следеа по објавувањето на Извештајот.
Отворајќи ја конференцијата, извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин изрази жалење што бришењето на придавката „македонски“ послужило како алатка на власта да го изврти значењето на Извештајот и сите негативни оцени содржани во него.
Говорејќи на првата панел-дискусија, Радмила Шеќеринска заклучи дека проблемот со името стана камен на сопнување уште од 2008 година, но годинава за првпат од ЕУ стигнале сигнали дека проблемот со името не е единствената пречка за започнување на преговорите, туку дека проблемите станале многу побројни. Воедно, Шеќеринска упати апел до власта да престане да го злоупотребува проблемот со името.
Во втората панел-дискусија насловена како „Замор vs. Капацитет“, Бојан Маричиќ од МЦЕО презентираше споредбен преглед на евроинтегративните процеси во три земји од регионот во периодот 2001-2011 и заклучи дека оние членки кои ги завршуваат тешките задачи, брзо напредуваат кон членство во Унијата, а билатералните спорови се само составен дел од процесот на интеграција на секоја потенцијална членка. Во своето излагање во оваа сесија, универзитетскиот професор Стево Пендаровски истакна дека Македонија има најлоша меѓународна позиција од 1991 година па до денес, а актуелната влада нема резервен план за иднината на државата.
Отворајќи ја третата панел-дискусија на тема слободата на изразување и човековите права, Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар заклучи дека во проретчениот медиумскиот простор, има се помалку теми кои се занимаваат со ЕУ, а по последниот извештај, во медиумите владее евроскептицизмот. За Суад Мисини пак, последните сигнали од Брисел за евентуално одземање на препораката за почеток на преговори дури и по цена на решавање на спорот со името, се лош знак кој во иднина би му послужил како алиби на премиерот Груевски воопшто да не се зафаќа со реформи. Пратеникот Сафет Бишевац истакна дека меѓу народот владее страв и дека битката за сопствената слобода треба да се води со употреба на сите демократски капацитети и методи.
Низ неколкучасовна дебата, присутните учесници на конференцијата допреа и низа останати теми поврзани со интеграцијата на Република Македонија во ЕУ: Копенхашките критериуми, економската состојба, меѓународната позиција на Македонија, како и меѓуетничките односи и состојбата со владеење на правото.