Активности

ЕВРОПСКИ РОЗОВИ ОБЛАЧИЊА – КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА ИЗВЕШТАИТЕ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА 2009-2012

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) подготвија компаративна анализа на извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за периодот 2009-2012 година насловена како „Европски розови облачиња“.

Целата анализа со подеталната методологија се достапни тука (581).

 

 

ДЕБАТА – „ОЦЕНКИ ЗА ПРИСТАПНИОТ ДИЈАЛОГ НА ВИСОКО НИВО – Како досега, како отсега?“

Фондацијата отворено општество – Македонија (ФООМ) и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) на 18-ти септември организираа дебата на која беа изнесени наодите од следењето на Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН) преку анализа на исполнувањето на целите и мерките од Оперативниот патоказ. Генерален заклучок на десеттината говорници од граѓански организации, кои одблиску ги следат областите опфатени со Оперативниот патоказ, е дека мерките и целите кои се содржани во Патоказот се нецелосни, недоволно амбициозно поставени, и главно на техничко ниво, без намера да понудат вистински решенија за клучните проблеми. Исто така, заклучено беше дека голем број од проблемите во реалноста, а кои пак се составен дел на петте области дефинирани во Оперативниот патоказ (слобода на изразување, владеење на право, јавна администрација, изборно законодавство и пазарна економија), не се воопшто вклучени. Невладините организации се согласија дека изостанува суштинска инклузивност на процесот, односно граѓанскиот сектор е вклучен само во две од областите и тоа слобода на изразување и избори, а за останатите три области вклучувањето е само формално, т.е. на ниво на формални средби на кои се информирани за постигнувањата и напредокот во реализацијата на целите и мерките.

Тука може да ги симнете информацијата од дебатата како и тезите кои МЦЕО и ФООМ ги подготвија по повод третата рунда на ПДВН. Подолу можете да го погледнете видеото од дебатата.

ПРАШАЛНИК ЗА ПРИСТАПНИОТ ДИЈАЛОГ НА ВИСОКО НИВО (ПДВН)

„Дијалог на глуви на високо ниво“

Тринаесетти извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ.

Документот е достапен тука.

Пари и дијалог на високо ниво

 

05.06.2012, Скопје

ПОКАНА ЗА ДЕБАТА

ПАРИ И ДИЈАЛОГ НА ВИСОКО НИВО

(12 јуни 2012, вторник, 12 часот, ГЕМ клуб)

 

Почитувани,

НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ), имаат задоволство, на 12 јуни 2012 година, во вторник, во 12 часот, во ГЕМ клубот (Менада, Стара чаршија), да ве поканат да учествувате на двочасовната дебата:

„Пари и дијалог на високо ниво“

Панелисти ќе бидат: Васко Попетрески, Едмонд Адеми, Тања Хафнер Адеми, Ида Протуѓер, Анета Додевска, Лидија Димова, Фани Каранфилова Пановска и Билјана Бејкова, а модератор ќе биде Бојан Марчиќ.

На оваа дебата ќе бидат презентирани резултатите од квалитативниот мониторинг на медиуми „Медиумско огледало“, посветен на информирањето на медиумите за евроинтеграциските процеси на Македонија, а ќе се разговара и за тоа што во суштина значи Претпристапниот дијалог на високо ниво, дали и колку Македонија ќе успее да ги искористи европските фондови и дали македонските граѓани добиваат квалитетни и сеопфатни информации за евроинтеграциите.

 

Со почит,

НВО Инфоцентар

МЦЕО

ФООМ

Сценарио за дебата.

„Има пари ама…“

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФООМ) го објавија својот 12-ти извештај од следењето на процесот на пристапувањето на Македонија во ЕУ посветен целосно на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и насловен „Има пари ама…“.

Извештајот го опфаќа периодот од воспоставувањето на ИПА па се до 31 декември 2011 година и ја анализира состојбата со трошењето на европските пари. Наодите укажуваат дека Македонија има големи проблеми со искористувањето на европските средства и 2012 година ќе биде клучна, бидејќи извесно е дека огромни неповратни средства ќе се изгубат доколку Владата не преземе итни чекори во насока на зголемување на капацитетите на македонското општество.

Целиот извештај се наоѓа на следниот линк.

ТРИБИНА „КАДЕ СЕ ЕВРОПСКИТЕ ПАРИ“ (Битола и Прилер, 20. и 21.12.2011, 12 часот)

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и НВО Инфоцентарот, ќе организираат две трибини во Битола и во Прилеп на тема „Каде се европските пари?“.

Трибината во Битола ќе се одржи на 20 декември 2011 година (вторник) во хотелот Милениум, со почеток во 12 часот. Воведничари ќе бидат Џевдет Хајредини, економист; Ида Протугер од ТВ Алфа и Лидија Димова од МЦЕО, а трибината ќе ја модерира Бојан Маричиќ.
Трибината во Прилеп ќе се одржи утредента, на 21 декември 2011 година (среда), во хотелот Кристал Палас, со почеток во 12 часот. Воведничари ќе бидат Џевдет Хајредини, економист; Борче Чупетрески, бизнисмен; Анета Додевска од ТВ 24 вести и Лидија Димова од МЦЕО, а трибината повторно ќе ја модерира Бојан Маричиќ.

Фокусот на трибината ќе биде врз финансиските инструменти што Република Македонија ги има на располагање во процесот на приближување кон Европската унија, а особен акцент ќе биде ставен врз можностите за локален развој што ги нудат фондовите.

Конференција „MK vs. EU или MK@EU“ – Лошите реформи поголем проблем од името

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), на осми ноември 2011 година ја одржаа конференцијата насловена „MK vs. EU или MK@EU“. На конференцијата, чиј повод беше Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година, низ три панел-дискусии, присутните гости дебатираа околу последните случувања на релацијата Македонија – ЕУ и настаните кои следеа по објавувањето на Извештајот.

Отворајќи ја конференцијата, извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин изрази жалење што бришењето на придавката „македонски“ послужило како алатка на власта да го изврти значењето на Извештајот и сите негативни оцени содржани во него.

Говорејќи на првата панел-дискусија, Радмила Шеќеринска заклучи дека проблемот со името стана камен на сопнување уште од 2008 година, но годинава за првпат од ЕУ стигнале сигнали дека проблемот со името не е единствената пречка за започнување на преговорите, туку дека проблемите станале многу побројни. Воедно, Шеќеринска упати апел до власта да престане да го злоупотребува проблемот со името.

Во втората панел-дискусија насловена како „Замор vs. Капацитет“, Бојан Маричиќ од МЦЕО презентираше споредбен преглед на евроинтегративните процеси во три земји од регионот во периодот 2001-2011 и заклучи дека оние членки кои ги завршуваат тешките задачи, брзо напредуваат кон членство во Унијата, а билатералните спорови се само составен дел од процесот на интеграција на секоја потенцијална членка. Во своето излагање во оваа сесија, универзитетскиот професор Стево Пендаровски истакна дека Македонија има најлоша меѓународна позиција од 1991 година па до денес, а актуелната влада нема резервен план за иднината на државата.

Отворајќи ја третата панел-дискусија на тема слободата на изразување и човековите права, Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар заклучи дека во проретчениот медиумскиот простор, има се помалку теми кои се занимаваат со ЕУ, а по последниот извештај, во медиумите владее евроскептицизмот. За Суад Мисини пак, последните сигнали од Брисел за евентуално одземање на препораката за почеток на преговори дури и по цена на решавање на спорот со името, се лош знак кој во иднина би му послужил како алиби на премиерот Груевски воопшто да не се зафаќа со реформи. Пратеникот Сафет Бишевац истакна дека меѓу народот владее страв и дека битката за сопствената слобода треба да се води со  употреба на сите демократски капацитети и методи.

Низ неколкучасовна дебата, присутните учесници на конференцијата допреа и низа останати теми поврзани со интеграцијата на Република Македонија во ЕУ: Копенхашките критериуми, економската состојба, меѓународната позиција на Македонија, како и меѓуетничките односи и состојбата со владеење на правото.

Промоција на публикацијата „Мој водич: МК@ЕУ“ – ЕУ Инфоцентар, 27 октомври 2011, 11.00 часот

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и НВО Инфоцентарот имаат чест да ве поканат на промоцијата на публикацијата „Мој водич: MK@ЕУ“. Промоцијата ќе се одржи на 27 октомври 2011 година во просториите на ЕУ Инфоцентарот на Делегацијата на Европската унија во 11.00 часот.

МЦЕО и НВО Инфоцентарот се организации кои го поддржуваат пристапувањето на Република Македонија во Европската унија. МЦЕО го поддржува процесот на пристапување преку професионални обуки, консултантски услуги, лобирање, регионална соработка и развој на европски политики. НВО Инфоцентарот го следи квалитетот на информациите што преку медиумите ги добиваат граѓаните за овој процес, а ја мониторира и работата на институциите релевантни за евроинтеграциите. За НВО Инфоцентарот и за МЦЕО, Европската унија не е „надворешна политика“, туку „внатрешна политика“ бидејќи ги опфаќа сите општествени области, односно процесот на пристапување во ЕУ нуди одржлива рамка за спроведување реформи кои ќе обезбедат модерен демократски систем за креирање политики во сите сфери на општественото живеење.

Публикацијата „Мој водич: MK@ЕУ“ треба да помогне во полесно следење на процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ односно реформите што ги спроведува Владата. Главната цел на оваа алатка е да го подигне нивото на дебата за европските прашања. Токму затоа, овој Водич на едно место ги сублимира сите информации кои можат да помогнат полесно да се следат и анализираат релевантните стратегиски документи кои го трасираат патот кон ЕУ.

Агендата на настанот:

10:45 – 11:00 Пристигнување и регистрација на гостите
11:00 – 11:05 Андреја Стојковски, претседател на Македонски центар за европско образование
11:05 – 11: 15 д-р Теута Арифи, заменик на претседателот на Владата за европски прашања
11:15 – 11:20 г-дин Роберт Лидел, вршител на должност шеф на Делегацијата на Европската унија во Македонија
11:20 – 11:30 г-ца Катерина Топалова, новинар на „Европа сега“ – ТВ АЛФА
11:30 – 12:00 Прием

 

 

 


 

 

 

РЕФОРМИТЕ ВО ЦРВЕНО – (RED ALERT)

КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА ИЗВЕШТАИТЕ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА 2008-2011

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) подготвија компаративна анализа на извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за периодот 2008-2011 година.
Оваа компаративна табела ги содржи и задачите од Пристапното партнерство што Република Македонија треба да ги исполни и според кои Европската комисија го цени напредокот на државата. Оттука се добива појасна претстава за тоа која е вистинската динамика на пристапување кон Европската унија.

За првпат годинава во компаративната анализа вградени се коментари со надеж дека ќе и помогнат  на пошироката јавност за да ја создаде својата слика.
Целокупната анализа наведува на следните општи заклучоци:

  1. Европската агенда на Република Македонија е во голем застој. Проблемот со името не е единствената причина зошто државата не може да помине во следната фаза на интеграција. Од компаративната анализа станува очигледно дека Македонија има сериозен проблем со напредокот во реформите.
  2. Политичкиот критериум, чие исполнување е неопходно за започнување на наредната фаза на интеграција, е сериозно загрозен. Покрај веќе добро познатите проблеми од минатите години (корупцијата, јавната администрација и судството) во 2011 година се забележува дополнително влошување кај сите овие области и за првпат жестоко се критикува загрозувањето на слободата на изразувањето. Сакаме јасно да посочиме дека Македонија може да ја изгуби препораката за започнување на преговорите доколку продолжат овие трендови и се загрози целосно политичкиот критериум, а не поради спорот со името како што сака да не убеди премиерот. Впрочем Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата отворено општество- Македонија укажавме на оваа опасност уште во минатата година[1].
  3. Доказ дека Македонија назадува во реформите е и тоа дека не умее да ги искористи европските пари. Во неколку поглавја (19, 20, 22, 25, 26) Европската комисија предупредува дека постои опасност да се изгубат овие средства кои, патем кажано, се неповратни средства, во споредба со многуте кредити кои Владата ги зема од Светската банка и другите меѓународни финансиски институции.
  4. Недоволниот административен и институционален капацитет е проблем кој се провлекува низ сите поглавја од Извештајот. Од една страна, Европската комисија забележува дека има превработена, нестручна и некомпетентна јавна администрација, па дури и луѓе кои добиваат плата, а седат дома. Од друга страна, ЕК констатира дека во голем дел од стручните институции, надзорните и регулаторните тела постои недостиг на човечки ресурси. Исто така, ЕК нотира дека голем дел од стручните институции се соочуваат со недостиг на финансиски средства за непречено функционирање.

Целосната анализа може да се преземе тука.


[1] Осми Извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ „Преродбата ги јаде своите чеда“, јануари 2011, стр. 13

 

Powered by WordPress | Designed by: diet | Thanks to lasik, online colleges and seo © 2011 mcet.org.mk. All Rights Reserved. a href="http://www.seo.us.com">seo