Кои сме ние?

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) е невладина, непрофитна, неполитичка, тинк-тенк организација основана во септември 2002 годината. Членовите на МЦЕО се обучувачи за ЕУ сертификувани од InWEnt од Бон и Институтот за европски политики од Берлин, Сојузна Република Германија; обучувачи за пишување на јавни политики сертификувани од Иницијативата за локална власт на Институтот отворено општество од Будимпешта; професионалци кои придонесуваат за пристапувањето на Република Македонија во ЕУ и европеизацијата на општеството.

Македонскиот центар за европско образование го поддржува пристапувањето на Македонија во ЕУ и европеизацијата на општеството преку професионална обука и советување, развој на јавни политики засновани на докази, регионална соработка и застапување за промени.

Од своето основање, МЦЕО има испорачано приближно 1400 денови обука за повеќе од 8000 претставници на јавна администрација, медиумите, граѓанските организации, судиите и обвинителите, членовите на политички партии, локалната администрација, итн.

Почнувајки од 2007 година, МЦЕО го смени својот фокус од институт за обука во тинк-тенк организација со надеж дека ќе го намали очигледниот недостиг на експертиза во земјата во полето на креирање јавни политики засновани на докази кои се во линија со политиките на ЕУ.
МЦЕО го следи процесот на пристапување, а своите истражувања ги фокусира на политичкиот критериум, поглавјето 23 – судство и основни права, како и на искористеноста на европските фондови. Организацијата од својата работа досега има објавено поголем број на публикации кои се достапни и во електронска форма преку овој портал.
МЦЕО работи и со медиумите со цел да го подобри известувањето за пристапниот процес на Македонија и изготвува алатки за да им помогне да разберат дека пристапувањето во ЕУ всушност е внатрешна, а не надворешна политика.