Читања
1120
Претставен осмиот Accession Watch, насловен „Преродбата ги јаде своите деца“

Претставен осмиот Accession Watch, насловен „Преродбата ги јаде своите деца“

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), на 17-ти февруари 2010 година, го претставија осмиот извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ – „Преродбата ги јаде своите деца“. Овој Извештај е изготвен во рамките на проектот „Accession Watch“ и се однесува на периодот ноември – јануари 2011 година.  

 

Анализата во Извештајот покажува дека државата нема политичка волја, визија и стратегија за приближување до Европската унија. Последните случувања со слободата на медиумите, Комисијата за антидискриминација, нападите врз граѓанскиот сектор и претставниците на ЕУ и зголемените меѓуетнички тензии може да доведат до расипување на политичкиот критериум, што de facto би значело и суспендирање на препораката за почеток на преговорите.

Извештајот дава детален осврт на надворешната политика во текот на 2010, ја опишува состојбата со реформата на јавната администрација, како и предизвиците со спроведувањето на Законот за здруженија и фондации и Законот за антидискриминација и практичната примена на Националната стратегија за одржлив развој. Фокусот е ставен на Извештајот за напредок на Република Македонија 2010 и настаните што се случија пред и по неговото објавување; на приоритетите на Унгарското претседателство со ЕУ; како и на состојбата во медиумите, особено по 25 ноември 2010 година.

Во Извештајот е вклучена и детална анализа на Националната програма за усвојување на европското законодавство – Ревизија 2011 (НПАА 2011). Прегледот има за цел да покаже дали и како предвидените активности со НПАА 2011 ги адресираат многубројните констатирани слабости и забелешки на Европската комисија нотирани во Извештајот за напредок 2010 и дали тие соодветствуваат на приоритетите во Пристапното партнерство.Според Фани Каранфилова-Пановска од ФИООМ, реално е да се очекува дека резолуцијата на Европскиот парламент на адреса на македонската Влада ќе испрати многу повеќе критики во споредба со минатата година, особено во делот на слободата на медиумите и слободата на изразување, партизираноста на судството, соработката со граѓанскиот сектор, имплементација на Законот за антидискриминација итн.

Делот на Извештајот во кој се анализира процесот на реформа на јавната администрација во државата покажува дека со измените на Законот за државни службеници и укинувањето на Агенцијата за државни службеници ќе се обезбеди правен механизам за целосна партизација на државната администрација, што е најголемиот проблем констатиран повеќепати од страна на Европската комисија во Извештаите за напредок на Република Македонија и во изјавите на претставниците на ЕУ.

 

Андреја Стојковски од МЦЕО смета дека политичката поделеност во општеството се рефлектира и во односите со Брисел: „Нашите претставници одбираат со кого ќе се сретнат во Брисел. Најчесто се среќаваат со претставници на сродни партии и во голем дел од случаите тие ја претставуваат нивната партија, а не државата“. Стојковски истакна и дека условите за работа на граѓанските организации се значително влошени, од една страна поради обврската за пререгистрација согласно новиот Закон за здруженија и фондации, но од друга страна и поради многубројните и комплексни обврски за организациии предвидени со Законот за пречување перење пари, кои можат да послужат како метод за притисок врз нив.

Бавното темпо на донесување на законите со европско знаменце и нивното често менување се уште еден проблем во евроинтеграциите на Македонија, смета Наташа Јованова од МЦЕО: „Со Националната програма беше предвидено да бидат усвоени 184 закони во 2010 година. Собранието во 2010 година донесе 275, но само 79 од нив се европски закони, а дури половината од донесените закони се провлекуваат уште од 2008 односно 2009 година“. Според Јованова, честите измени на законите (на пример, на Законот за извршување, кој за една година е изменет дури четири пати) укажува на недоволниот административен капацитет за усогласување на законодавството, што предизвикува правна несигурност и непредвидливо бизнис-опкружување.
Преземете го извештајот (.pdf)