Читања
1138
МЦЕО најнова членка на ЕПИН

МЦЕО најнова членка на ЕПИН

ЕПИН е мрежа на тинк-тенк организации и институти за јавна политика која има членки во повеќето држави членки на ЕУ, како и во државите кандидатки. Мрежата беше основана за време на Конвенцијата за донесување на Договорот за уставот и иднината на Европа, а добиваше финансиска помош преку проектот „Иднината на Европа“ на Европската комисија. Во тоа време, главната улога на мрежата беше да ја следи работата на Конвенцијата. Во првата година по основањето повеќе од 30 конференции беа организирани преку членките на мрежата. Од основањето координатор на мрежата е Центарот за студии на европските политики, ЦЕПС од Белгија.

Со завршувањето на Конвенцијата, мрежата го загуби главниот извор на финансии, но нејзиното постоење продолжи и понатаму. ЦЕПС, но и другите институти одлучија заеднички дека мрежата мора да продолжи да работи. Главната финансиска поддршка на мрежата, но и администрирањето доаѓа од ЦЕПС, а мрежата продолжи да работи на повеќе програми. Следејќи ги уставните процеси, мрежата се фокусираше во одделни периоди на следните програми: 1) меѓу-владината конференција 2003-2004; 2)ратификувањето на Договорот за уставот; 3) периодот по прекинот на ратификацијата и неуспешните референдуми во Франција и Холандија; 4) меѓу-владината конференција во 2007; 5) ратификацијата на Договорот од Лисабон. Во моментот активна е програмата која го следи 6) имплементирањето на Договорот од Лисабон.

Почнувајќи од 2005, Управниот комитет на ЕПИН ги носи најзначајните одлуки. Во моментот има седум институти кои го сочинуваат комитетот: ЦЕПС, Елкано (Шпанија), Нотр Еуроп (Франција), СИЕПС (Шведска), ХИИА (Унгарија), Клингендејл (Холандија) и Европскиот институт од Романија (ЕИР).

Во моментот епин брои 39 членки во 28 држави од цела Европа. Најголемиот дел од работата на мрежата го носат преку својата постојана соработка 15 најактивни институти. Членките на мрежата се разликуваат по својата големина и структура, но имаат заедничка карактеристика - политичката независност и отсуството на однапред утврдена страна и политичка припадност.

ЕПИН организира три настани во текот на годината во Брисел и низ државите од каде доаѓаат институтите кои членуваат, а организира и други ad hoc конференции и активности. Мрежата објавува заеднички публикации на однапред утврдени теми (на пр. флексибилна интеграција, Европа на граѓаните и тн.). ЕПИН се фокусира на институционалната реформа во Унијата, но разгледува и други прашања. Мрежата редовно ги следи подготовките за изборите за Европскиот парламент, политиката за комуникации на ЕУ и политичката динамика на проширувањето, како надворешната политика на ЕУ и областа на правда и внатрешни работи.

ЕПИН е мрежа која на своите членки им нуди можност да придонесуваат на европската додадена вредност за истражувачите, одлучувачите и граѓаните. Мрежата претставува платформа за истражувачите и аналитичарите да воспостават лични врски, професионална соработка, размена на искуства на прашања поврзани со Европската унија. Членките работејќи во мрежата ја обезбедуваат националната перспектива на работите и на прашањата кои се допираат, а преку својата соработка ја овозможуваат европската додадена вредност. На тој начин ја зајакнуваат европската димензија во дебатите за Европа на национално ниво.

Шест од членките на ЕПИН беа рангирани меѓу најдобрите 50 тинк-тенк организации во извештајот 2013 Global Go To Think Tank.