
Конференција „Македонија 2015: Европски реформи или несреќен нов изум?”
Фондацијата отворено општество- Македонија (ФООМ) и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) со голема чест ве покануваат да учествувате на конференцијата со наслов „Македонија 2015: Европски реформи или несреќен нов изум?” која ќе се одржи на 05 февруари 2015 година (четврток), сала Дипломатик, Скопски саем со почеток во 10:30 часот.
Повод за отворање на оваа дискусија е да ги разгледаме перспективите на Македонија за одблокирање на процесот на пристапување кон ЕУ во 2015 година, но и суштинска европезација на општеството во политичките, меѓуетничките и економските области каде се забележува големо назадување. Контекстот во кој разговараме е отсликан преку новоутврдените финансиски зони како клучна мерка на економската политика на Владата заради која се менува и Уставот. Каде ќе се движи македонската економија и со каков квалитет ќе бидат работни места во овие зони но и надвор од нив по најновите законски измени за оданочување на хонорарите? Дополнително на тоа оценуваме колкав е етничкиот јаз меѓу Македонците и Албанците кога се работи за поддршката на патот кон ЕУ и НАТО? Како се вклопува Македонија во регионалната политичка мапа и соседството? Дали Македонија забрзано и отворено се движи кон модели на држави кои се далеку од ЕУ вредностите и Западните текови? Конечно како најактуелно прашање ќе го наметнеме и тоа во каква состојба е образованието во Македонија и какви се изгледите за решавање на проблемите во оваа област?
Панелисти говорници:
- Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ и министер за финансии
- Сашо Орданоски, новинар, аналитичар и професор на Универзитетот на Југоисточна Европа- Тетово
- Љубомир Данаилов Фрчкоски, професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје и поранешен министер за внатрешни и надворешни работи
- Билјана Секуловска- Габер, професорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје
Модератор: Бојан Маричиќ, извршен директор на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО)